Патување низ времето
”Стивен Хокинг вели дека патувањето низ времето е возможно… “ ме гледаат под око блиските, со израз како сум останал жив, или попрецизно – ти бе нормален ли си? А, jас уште подрско се дуjам како пештански квасец и велам “можно е…” и пред да ми светне пред очи заради колизија со дрвената пепељара, се обидувам и сам во глава да си раскажам оти е така…
Еден човек , ми рече – се што ќе замислиш – можно е!
Каков Жил Верн станав во – милисекунда и да знаете каде се бев. Често ми се случува пред да заспијам да слушнам гласови , познати гласови кои доаѓаат одвнатре, не како некој демон кој ме опседнува, туку како анимирана слика која кога ќе ја погледнеш буди чувства, на времето, ветерот, луѓето и нивните особини кои останале како лепенка на бандаж, залепена одвнатре, која како белег од вакцина ќе ве следи до крајот.
Со некакви развиени хипнотички методи можно е да го чуете повторно гласот на таткото кој бавно се обидува да ве научи… ”Птииицааа! ”…. Неуморно повторувајќи го истиот збор милион пати исто толку колку што вие ќе посочите по малото пиле кое слетува на гранка и со израз ”чуденка” на фацата повторно трпеливиот лик го вообличува ликот со ист израз… ”Птииицааа… ” Сетете се еден ден кога сенилениот страец ќе ве прашува една те иста работа повеќе пати..сетете се пред да изгубите такт дека треба да гледате на него како на дете и да имате исто трпение како што тој го имал со вас. Можеби не сте ја имале таа идилична слика, можеби сте немале татко, но можеби ве издало трпението во редот кога пред вас старец, обелен, едвај држеејќи се за пултот за да плати струја по десети пат му се објаснува што треба да плати и зошто, а вие паѓате во стрес за да не ви ја собере пајак колата оти сте ја паркирале, по обичај, на место а инвалиди, заземјаки и пола улица, па го колнете стариот што припек го фаќа вашиот џип со ужасна мисла да не си ја запотите испегланата кошула… не заборавјте од каде доаѓате, каде сте биле… себичноста која денес ја носите како најлегантно Армани одело ви прилега на телото но душата е како во јагленова прашина.
Сум се покајал за многу работи и сум ги исповедал, но тоа не ја намалило вината која ја носам, не како бреме туку како едноставно белег , лузна која ја закачуваш и ја носиш засекогаш. Знаат такви сеќавања да ти го скршат сонот на парампарче, да не знаеш од каде да почнеш да метеш. Ах, има лек, и тоа каков, хомепатски пар – ексаланс – молитва. Сврти пет шест … пати бројаницата и се доаѓа на место, и наапави го тоа сто пати, исчезнуваат помислите се смирува духот, се враќа спокојот стивнува гневот…
Стојам со звукот на познатиот глас во глава, стојам пред неговата слика која се наоѓа до иконата во дневната соба, за среќа никому не му досадувам…освен себеси со злобна воља да не си помогнам… Секоја разумна клетка вика по мене да почнам со молитва, но останувам без покајание во какафонијата во својата глава затоа што таа ме враќа назад низ времето. Одам повторно на местата каде се скршив, каде болеше. Повторно сум на местата каде понижувањето досегна невидени пропорции, несватливи ни за човечки стандарди свесен дека спасението мое ќе биде страшна борба затоа што прошката од Отецот ја добив, но од себе не – каква перверзија на самоуништување или инат на разгалено дете. Болни и убави сеќавања, комични ситуации, засрамувачки случки, за кои би гребел со нокти до крв да можам да ги вратам …и изменам. Затоа ми е потребен Хокинг во неговото ”богохулење” дека патувањето низ времето е можно. Знае тој добро дека е можно и покрај сите тумачења на моите духовни пријатели, Отецот…
Знае Хокинг и затоа го говори тоа…Знае дека Бог е семоќен и покрај тоа што тој нема никогаш да ги крши законите на универзумот врз кои ги поставил неговите темели.
Но верувам дека живи оживуваа, слепи прогледуваа, сакати проодуваа, неми проговараа, болни се излекуваа, планини се поместуваа, води се отвараа, леб од небо паѓаше, по вода се одеше, по оган се газеше, во слава на Бога безболно животот го завршуваа и вознесуваа…Верувам дека тие времиња постојат и по Твоја воља ќе може повторно да ги видиме и доживееме. Тоа го бара душата, оти таа не знае за друго освен да копнее…
Душата мора да копнее, тоа е нејзината природа, таа мора да биде носталгична инаку никогаш нема да го најде изгубениот рај, затоа ги бара миговите изгубени во времето, затоа што тие совршени мигови на држење за рака покрај болничката постела за миг го довела во совршенство битисувањето и љубовта во едно, да копнее по прегратката која остана како црно бела слика зафрлена во некој албум на кој трага не му се наоѓа. Душите наши не го познаваат рајот но ги знаат тие прекрасни енергии кои ни недостигаат, затоа сакаат да се враќаат назад, како временски машини. Посилна е желбата за патување низ време одошто за бесмртноста на овој свет, затоа што бесмртноста носи незивеснот од изборот – добро или лошо, по наш избор ќе си одбереме место во вечноста со Бога или без Него и стравот дали ќе направиме погрешен избор, проценка. Но минатото е извесно, носталгијата е извесна, можеби малку срамна, навна, преполна со фалинки и грешки, но тоа се мои грешки, ги препознавам и сега знам каде сум згрешил, можам да ги поправам, сакам да ги поправам, дај ми Боже да ги изменам, поправам…..Затоа што…
Затоа што од ден на ден го спознавам Бога се повеќе и разбирам колку е тој совршен, Колку што е тој совршен колку сум јас очајно јаден и беден и сакам таа слика да ја поправам, да ја истресам прашината на срамот од себе за да се појавам барем најмалку можно пристоен пред него кога ќе дојде време. Покајанието и истечените солзи велат се пат од духовнот излекување,- не знам, ниту се разбирам, знам дека само не можам да поверувам дека величествните мигови не можат да бидат изгубени во времето и просторорт затоа што ниедна енергија не исчезнува, тоа е закон на природата поставен од Творецот – ништо не се уништува, само го менува обликот…Затоа сакам да патувам низ време да допирам до оние изгубени нежности , минати времиња кои носат толку спокој при помислата на нив, и прости Боже ако грешам… намерно го правам тоа, оти е неодоливо.
Страст за спокој, за Твојата прегратка, за мир Во Тебе.
текстот е објавен во најновиот број на Премин


















